Откровение 6
Macedonian New Testament
ОТВОРАЊЕ НА СЕДУМТЕ ПЕЧАТИ
1) Коњаник на бел коњ
6 Кога видов како Јагнето го отвора првиот од седумте печати, се огласи едно од четирите суштества, кое громогласно рече: „Дојди!“ 2 Наеднаш пред мене се појави еден бел коњ. Коњаникот што јаваше на него беше вооружен со лак. Нему му беше даден венец, бидејќи досега победувал, а и сега излезе за да остварува нови победи.
2) Коњаник на црвен коњ
3 Кога Јагнето го отвори вториот печат се огласи второто суштество, кое извика: „Дојди!“ 4 Тогаш се појави друг коњ, црвен. На коњаникот што јаваше на црвениот коњ му беше даден еден голем меч и му беше дозволено да го одземе мирот од Земјата. И луѓето почнаа меѓусебно да се убиваат.
3) Коњаник на црн коњ
5 Кога Јагнето го отвори третиот печат, се огласи третото суштество и рече: „Дојди!“ Наеднаш пред мене се појави еден црн коњ. Коњаникот што јаваше на црниот коњ во раката држеше терезија. 6 Потоа чув глас што доаѓаше откај четирите суштества и го кажуваше следното: „Килограм пченица ќе ве чини една дневница[a], три килограми јачмен ќе ве чинат една дневница, а маслото и виното ќе треба да ги штедите!“
4) Коњаник на сиво
-зелен коњ 7 Кога Јагнето го отвораше четвртиот печат, се огласи четвртото суштество, кое рече: „Дојди!“ 8 Наеднаш пред мене се појави сиво-зелен коњ. Коњаникот што јаваше на сиво-зелениот коњ се викаше ,Смрт‘, а во негова придружба беше Адот[b]. Ним им беше дадена власт над една четвртина од Земјата, за да убиваат со меч, со глад, преку болести и преку диви ѕверови.
5) Положбата на мртвите маченици
9 Кога Јагнето го отвори петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите на луѓето што биле убиени поради нивната вера и проповедање на Божјата порака. 10 Тие гласно Му се обраќаа на Господ: „Свет и верен Господару! До кога ќе ја одложуваш пресудата и одмаздата за нашата крв над жителите на Земјата!?“
11 Тогаш на сите ним им беше дадена бела облека и им беше кажано да се стрпат уште малку време, додека не им се придружат сите другари и сотрудници што ќе бидат убиени како и тие.
6) Катастрофа во Вселената
12 Гледав, понатаму, како Јагнето го отвора шестиот печат. Тогаш се случи силен земјотрес, Сонцето поцрне како црна облека[c], а Месечината поцрвене како крв. 13 Ѕвездите од небото испопаѓаа по Земјата, како што паѓаат смокви под дејство на силен ветер. 14 Небото се свитка како хартија и исчезна, а сите планини и острови се изместија.
15 На Земјата сите цареви, великани, воени команданти, богати и влијателни луѓе, робови и слободни - сите се засолнуваа во пештери и во засолништа под планините. 16 Тие им довикуваа на планините и на карпите: „Урнете се врз нас и затрупајте не, скријте не од лицето на Оној што седи на престолот и од лутиот гнев на Јагнето! 17 Зашто дојде страшниот ден на Нивниот гнев и кој може да го издржи!?“
Footnotes
- Откровение 6:6 Во ориг: еден денариј, што одговарало на еднодневна заработка.
- Откровение 6:8 Адот е светот на мртвите, подземниот свет.
- Откровение 6:12 Во ориг. како вреќиште- црна облека што се носела во знак на тагување и сл.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest